Коњалти со Јанеска и Гакидова блиску до четвртфинале во Европскиот Куп, пораз на Десподовска и Кобержице!

Денес на европска сцена стартуваа дел од натпреварите од осминафиналето во Европскиот Куп во женска конкуренција.

Свој настап имаа Моника Јанеска и Ивана Гакидова со Коњалти, како и Зорица Деспотовска со Кобержице.

Екипата на Коњалти на свој терен одигра нерешено против Бенфика, 35:35, но доколку биде подобриот тим на реванш натпреварот, кој ќе се одигра на 15 јануари во Лисабон, тогаш ќе обезбеди пласман во четвртфиналето во третото п оранг европско натпреварување.

Меѓу најефикасните ракометарки на овој натпревар беше екс ракометарката на Вардар, Алена Ихнева, која постигна шест гола за домашната екипа. Гакидова и Јанеска по двапати се запишаа во листата на стрелци, додека во тимот од Португалија се истакна репрезентативката на Украина, Викторија Боршенко со седум гола.

Кобержице и Зорица Десподовска беа поразени од словачкиот шампион Јувента Михаловце, во кој настапува екс ракометарката на Металург, Александра Коловска. Михаловце го доби првиот дуел со 22:20 и на реванш дуелот ќе има поголема психолошка предност.

Десподовска имаше 100% реализација, два гола од исто толку обиди, а Коловска не беше во составот за денешниот натпревар.

Тимот на Макаби Аразим, кој што ги елиминираше Куманово и Чаир, беше поразен од Измир со 27:20. Предводник во победата на Измир беше поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Јелиз Озел со седум погодоци. Тренер на турскиот суперлигаш е Гонџа Нахчиванли, која исто така играше во Кометал ЃП.