Коњалти не го дава врвот, Гакидова и Јанеска доминираат низ Турција

Ракометарките на Коњалти во шампионатот на Турција ја забележаа петата победа во низа откако триумфираа убедливо против Арач со десет гола разлика, 31:21.

Победата беше обезбедена уште по првото полувреме кое заврши со предност за екипата на Коњалти од 15:8.

Одлична партија на теренот одиграа двете ракометарки од Македонија, Ивана Гакидова и Моника Јанеска. Гакидова беше најефикасна во екипата на Коњалти со осум гола, додека Јанеска беше стрелец на четири гола.

Коњалти моментално е лидер на табелата со десет освоени бодови. Големите проекти на Ускудар и Кастамону се наоѓаат на второто, односно третото место. Следен предизвик за ракометарките на Коњалти е дерби натпреварот против Јаликавак во рамките од 6. коло.