Кој мисли сега на ракомет – се бориме со невидлив непријател!

Коронавирусот и понатаму задава големи проблеми со организација на сите видови на натпреварувања, но и настани така што во моментов речиси комплетниот спортски и културен живот е во пауза и не се случува речиси ништо. Сите се насочени во битката со коронавирусот и неговото победување, но засега не оди најдобро бидејќи и понатаму тој се шири, а бројот на заболени лица постојано се зголемува.

Еден од ракометните работници кои се дел од медицинскиот персонал на Државна болница, е тренерот на Металург 2, Игор Котевски. Станува збор за еден од најдобрите ракометари на сите времиња во Македонија кој иако не е на инфективното одделение секако со своите совети може да придонесе за намалување на ризокот од заразување со коронавирусот.

„Работата е максимално сериозна и сите така мораме и да гледаме на неа. Не смееме да гледаме како да се работи за обичен вирус бидејќи состојбата секој ден станува сè потешка и поалармантна. Сите сме насочени кон тоа да го победиме невидливиот непријател“, вели Котевски за 24 Ракомет.

Неговата работа секако може максимално да помогне и кон давање на совети за заштита, а вели дека медицинските лица се заштитени за да можат да избегнат заразување со вирусот иако еден дел од нив веќе се заразија соистиот.

„Здравјето на луѓето во моментов е најважно и на тоа треба сите да бидеме концентрирани. Ситуацијата не е воопшто наивна. Сите сме концентрирани како да се помогне. Се трудиме да останеме максимално заштитени. Имаме заштитни одела, ракавици, очила, визири… сè што е потребно за да може да не се оствари директен контакт со пациентите и другите лица за да не дојде до пренесување на вирусот“.

Покрај тоа и секој разговор е на предвидената дистанца која ја налагаат препораките.

„И покрај заштитата избегнуваме контакти од близина. И со пациентите тоа го правиме на прописна далечина кога има можност за тоа. Се трудиме да ги почитуваме сите правила кои се предвидени и да се дојде до победа во оваа тешка ситуација“.

Воедно вели дека мора да се почитуваат препораките и да се остане дома во овие тешки моменти. Секој мора да се однесува дисциплинирано бидејќи во спротивно само може да дојде до зголемување на бројот на заразени, а тоа не оди никому во прилог.

„Ќе треба време за да се надмине сето ова, но ќе мора да има поголема дисциплина. Се гледа дека таа е најважниот дел во целата ситуација. Мора сите да ги почитуваат препораките за да може побрзо да се реши сето ова бидејќи во спротивно никој не може да каже уште колку време ќе трае оваа ситуација“, вели Котевски.

Додека траат сите овие проблеми со коронавирусот работата секако мора да се извршува и понатаму, па Котевски и неговите колегите остануваат постојано на нога и будни во битка со вирусот кој зададе огромни проблеми низ целиот свет.

Меѓу медицинските лица кои се активни и на ракометните терени е и Михаела Капсарева која е дел од судиите во домашното првенство. Таа ја дели правдата на терените заедно со Лејла Јашар, а интервјуто со неа околу актуелната состојба и работата можеше да го прочитате пред извесно време.