Костески не се договори со Вардар – можно е да заврши во Еурофарм Пелистер

Екипата на Вардар го комплетира тимот за новата сезона во која одново ќе има респектабилен состав за настап во Лигата на шампионите и сигурно ќе има што да покаже. Целта на претседателот на Вардар, Михајло Михајловски е во тимот да има и што повеќе млади ракометари кои се и репрезентативци на Македонија. После Филип Талески и Томислав Јагуриновски, играч кој требаше да дојде во Вардар беше и десното крило Ненад Костески.

Сепак, последните информации говорат дека од овој трансфер на младиот ракометар нема да има ништо. Од Загреб беа подготвени да го пуштат во Вардар, но ракометарот не ги договорил условите за трансфер во европскиот првак. Костески требаше да биде второ крило и да „го учи занаетот“ од тројниот европски првак Иван Чупиќ.

Според информациите до кои дојде 24Ракомет, Костески сега се поврзува со можен трансфер во Еурофарм Пелистер каде на десно крило се Милан Ѓукиќ и Мирко Радовиќ. И ова секако не е сигурна варијанта така што останува да се види што Костески ќе одлучи. Останува како варијанта да настапува и Еурофарм Пелистер 2, па да чека на повик во првиот тим.

Во Загреб догодина ќе има најмалку три десни крила – капитенот Златко Хорват, новото засилување Владо Матановиќ, како и Јосип Божиќ Павлетиќ, па најдобро за Костески ќе биде да игра во клуб каде што ќе има поголема минутажа од таа што ја добиваше на парче во хрватскиот шампион.

Токму поради големата конкуренција Костески беше пратен на калење во Дубрава, што се разбира е далеку од нивото на Загреб. Тој лани од Струга замина за Хрватска, иако и тогаш за него заинтересирани беа Вардар и Еурофарм Пелистер.