“Кога дојдов во Загреб им реков на играчите – вие сте најдобри на светот”

Хрватскиот шампион Загреб, откако кон средината на месец ноември направи промена на тренерската позиција и го ангажираше Славко Голужа, заигра подобро во натпреварите од Лигата на шампионите.

Најтрофејниот клуб од Хрватска е на добар пат да обезбеди пласман во следната фаза од најквалитетното европско натпреварување.

Голужа ја презеде тренерската функција од Ивица Обрван, го препороди тимот и со своите избраниците запиша две победи во ЛШ, против унгарскиот гигант Веспрем и полскиот вицепрвак Висла Плоцк, и одигра нерешено против амбициозниот проект од Романија, Динамо Букурешт.

Искусниот стратег, кој четири и пол години беше тренер во Словачка, поточно во екипата на Татран Прешов во разговор за хрватскиот портал ,,Германијак.хр” зборуваше за досега сработеното во клубот од хрватската престолнина.

,,Сите ја завршивме работата, која се очекуваше од нас. Заслугите одат кај играчите бидејќи без нив ниту една од моите идеи не би се реализирала. Мојата визија за ракометот со цврста одбрана, брза транзиција, играње во сите 60 минути. Тоа е мојот потпис, да не навлегуваме сега во детали. Не знам колку публиката овде ја следеше мојата работа во Прешов, но таму со многу поскромна екипа победував побогати и подобри противници, поголеми, поскапи. Не е ништо арогантно, ниту сакам да испадне така, го почитувам секој противник, но секогаш имам доверба во тимот што го водам. Тоа го направив и овде. Кога дојдов во Загреб, им реков на играчите – вие сте мои, за мене сте најдобри на светот. И навистина верувам во тоа. Да не верував, немаше да направиме резултати. Верувам дека можам да победам секого и со тоа одам на секој натпревар“, изјави Голужа за порталот ,,Германијак.хр”.

Загреб во групата Б во Лигата на шампионите се наоѓа на 6. позиција со 8 бода, додека екипата на ГОГ, која е позиционирана на 5. позиција на свое конто има бод повеќе од ,,плинарите”.