Кога Борко добро брани и публиката лесно се пали (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Во репрезентацијата го доби прекарот „Министер за одбрана“, а сега може истиот да го користи и како голман на Вардар. Борко Ристовски имаше одлична вечер во дресот на „црвено-црните“ и беше дел од победничкото славје на Вардар од 30-28 против Алборг во 3. коло од ЕХФ лигата на шампионите.
Голманот одбрани 12 упатени топки кон голот и три пенали. Колку што тој добро бранеше толку повеќе публиката „полудуваше“ на трибините.

Нашиот фотограф Огнен Теофиловски ја овековечи победата на Вардар против данскиот Алборг, истовремено и радоста на нашиот голман. Искуството го прави своето, Теофиловски знае да го „фати моменот“, а Ристовски „да фати топка“.

Сезонава спортскиот портал www.24rakomet.mk соработува и со Огнен Теофиловски, фотографот на Reuters кој е дел од фотографскиот дел на порталот. СЦ „Јане Сандански“ е местото на славјето, и со право Ристовски беше постојано во песните на публиката и сите му ракоплескаа после одличните одбрани.

Еден „Министер“ имаме…

Три одбранети пенали, 12 топки на средбата со Алборг беа поттикот за тимот на Вардар да го победи актуелниот европски вицепрвак Алборг. Борко Ристовски ем добро бранеше - ем ја „запали публиката“...  

Следниот меч Вардар во Лига на шампионите го игра на 13 октомври повторно на домашен терен, против француски Монпелје.

Ако случајно сте ги пропуштиле одбраните на Ристовски, истите можете да ги погледнете на следниот линк. Некоја со право очекуваме да биде меѓу најдобрите на колото.

Шоу на Ристовски – сите 15 одбрани на вардарецот против Алборг (ВИДЕО)