КЛ7 сака да биде Вардар – ама само во стручен штаб!

Тимот на КЛ7, кој во новата сезона ќе го има своето деби во суперлигашката конкуренција, го засили стручниот штаб. Клубот ги ангажира Димитар Маневски и Билјана Црвенковска, кои претходно беа членови на европскиот шампион Вардар.

Маневски ќе се грижи за здравјето на ракометарите, додека Црвенковска ќе му биде помошник на тренерот Андон Бошковски, кој исто така своевремено работеше во Вардар. Покрај ангажманот со првиот тим, Црвенковска која во минатата сезона беше дел од стручниот штаб на ЖРК Вардар, ќе биде тренер на кадетската и младинска екипа на КЛ7.

Новиот суперлигаш се огласи со соопштение до медиумите во кое ги промовира засилувањата во стручниот штаб.

„КЛ 7, во пресрет на новата натпреварувачка сезона и предизвикот наречен Суперлига, согласно своите стратегиски и развојни концепции темелени на сериозноста на своите инвестициски партнери, а пред се застапувајќи го брендот КЛ7 и неговата големина во светски рамки градејќи го тимот за сезоната 2020/21 како прв преземен чекор е јакнењето на стручниот штаб со два европски шампиони. Прв чекор е носењето на главниот лик во делот на медицината и здравјето и двократниот европски шампион од редовите на Вардар, кој исто така истата задача ја има и во македонската репрезентација, Димитар Маневски. Второ засилување во нашиот стручен тим на местото прв помошник на шефот на стручен штаб Андон Бошковски е актуелниот европски првак, десната рака на Роберто Парондо, Билјана Црвенкоска, наша долгогодишна ракометна репрезентативка која исто така беше дел и од тимот на Раул Гонзалез. Со ова сакаме да покажеме дека ние како тим ќе вложуваме средства и максимален напор во стручни капацитети со цел на добивање квалитетни ракометари од македонско производство“, се вели во соопштението од КЛ7.