Клуб продава маици што ќе служат како сезонски билети

Екипата од полскиот град Гдањск, Торус Вибже за своите фанови подготви маички според најсовремените технолошки трендови. Навивачите на клубот можат да купат маица која ќе им служи како сезонски билет на натпреварите.

Торус Вибже започна продажба на сезонски билети, а навивачите имаат можност да купат стандарден пакет или сезонски билет со маица на која има прикачено QR-код кој ќе служи како влезница на натпреварите.

„Идејата е иновативна, граѓаните на Гдањск сакаат да користат нови технологии. За навивачите имаме две опции. Првата е вообичаен сезонски билет кој чини 180 злоти (40 евра), но ги охрабруваме навивачите да купат пакет со уникатна маица во чест на 75 годишнината на клубот за 235 злоти (55 евра). Тие што ќе купат маица нема да имаат потреба да ностат пластична карта, маицата ќе има вграден QR-код и со негово скенирање ќе биде дозволен влез во салата“, објасни маркетинг директорот на клубот.

Освен тоа, сите наваивачи кои ќе купат сезонски билет ќе имаат пристап да ги следат домашните натпревари на екипата на интернет. Овој пристап ќе биде активен кога владините мерки ќе спречат физичко присуство на публика на натпреварите. Во случај на ограничен број гледачи секогаш тие со сезонски билет ќе имаат предност.