Клубовите oд следната сезона ќе бираат – или 3 или 8 странци во тимот!

Ракометната федерација на Македонија воведува ново правило за странски ракометари за следната натпреварувачка сезона. Ќе има ограничувања кои може да бидат проблеми за трите најактивни клубови на трансфер пазарот – Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер.

РФМ го испрати ова известување до сите клубови, кои ќе треба да се изјаснат која понудена опција ќе ја прифатат. Со одлука на УО на РФМ пред четири години, секоја година се намалуваше бројката на странски ракометари од 11, 10, 9, па 8…а од следната сезона останува таа бројка 8, но има ограничувања!

Клубовите имаат ПРВА опција да ангажираат максимум 3 странски ракометари по произволен избор и ВТОРА опција – останатиот број до максимум 8 странски ракометари треба да бидат репрезентативци на земја која е рангирана меѓу ТОП 15 земји според последната официјална ЕХФ ранг листа за машки репрезентации и да имаат најмалку 10 настапи за А репрезентација на својата земја во последните 5 години.

Суперлигашите имаат право да ја користат и само втората опција – сите странски ракометари да бидат ангажирани според посочените квалификации од РФМ. Сите овие ограничувања ќе важат само за натпреварите од домашниот шампионат и Купот на Македонија, додека нема да бидат на сила за меѓународните (СЕХА и европски купови), па клубовите таму ќе можат да ги користат сите странски ракометари.

Слично правило имаше и во Романија, кое важеше само една сезона и се покажа неуспешно. Збунувачки во сето ова е тоа што не постои ЕХФ ранкинг на национални репрезентации, па нема конкретна листа на земји што се рангирани до 15 место (освен пласман на континентален собир). Некои клубови веќе побараа појаснување на она што го добиле од РФМ, и се разбира ранкинг листа на ЕХФ.

Останува прашање што со играчите што не се од Европа (Алжир, Мароко, Бразил…) и нивните репрезентации ги нема на ранкинг листата на ЕХФ?