Клубовите со план „Б“: Ако не може во сала, ќе мора на отворено!

Вардар, Еурофарм Пелистер, Металург, Бутел Скопје и Охрид најавија старт на подготовките од следната недела, но ако не го добијат протоколот за тренинг во сала, ќе мораат да бараат друга алтернатива.

Европскиот првак Вардар стартува прв, веќе в сабота, но официјално во сала треба да влезе в понеделник, 20 јули. Клубовите и натаму немаат добиено протокол за тренинг во сала за колективните спортови, а тренерот Стевче Алушовски вели дека ќе биде трпелив и се надева дека дотогаш ќе имаат некоја информација од надлежните. Во спротивно ќе мора да избере план Б, односно претпладне да ги користи вежбалницата во СЦ „Јане Сандански“ и отворените терени околу салата и на овој начин да ја темпира формата на екипата, додека попладне наместо тренинг во сала да наоѓа начини за тим-билдинг.

Што се однесува до Металург, стратегот Зоран Кастратовиќ одлучи да ги помести подготовките за една седмица, токму од овие причини, односно наместо на 20 јули, да започне седум дена подоцна. Тимот од Автокоманда од 31 јули треба да патува за Маврово на висински подготовки, но прво ќе почека да добие протокол за работа.

На 27 јули треба да тргнат и Еурофарм Пелистер, Бутел Скопје и Охрид. И за нив резервна опција е тренинг на отворено, но прашање е колку и како ќе може да се спроведе тоа. Охриѓани најавија дека две седмици ќе бидат надвор, а потоа ќе почнат во сала, непосредно пред настапот на турнирот во Струга.

Протоколот за тренинг во сала за колективните спортови и тоа како ги засега сите овие клубови, со оглед на тоа дека со исклучок на Охрид, останатите не само што почнуваат со темпирање на формата за домашните настапи, туку и за на меѓународна сцена, Лигата на шампионите, Лигата на Европа и СЕХА.

Ваквиот документ, порано или подоцна, ќе им биде потребен и на останатите екипи со оглед на тоа дека РФМ веќе најави старт на првенството на средината на септември, кое секако дека ќе биде условено и од здравствените околности и ситуацијата со пандемијата од коронавирусот.