Кичевци добија два црвени картони, но освоија цел плен и го оставија Металург РА на нула

Ракометарите на Кичево стигнаа до третата победа во рамки на групата Б од Првата лига откако на домашен терен ја совладаа екипата на Металург РА со 41:35 во многу ефикасен дуел.

Кичево имаше добар старт, поведе со 3:0 и во текот на првото полувреме ја оджуваше и зголемуваше предноста. Уште после само 30 минути игра домашниот тим беше блиску до победата кога водеше 21:14.

Во вториот дел се играше доста грубо, ракометарите на Кичево заработија осум исклучувања, а вкупно 11 на целиот меч. Црвени картони поради три исклучувања во вториот дел добија Јовица Костоски и Виктор Василевски. Но и покрај тоа успеаја да стигнат до победата и да освојат нови бодови.

Александара Мирчески ја предводеше екипата на Кичево со 13 гола, а шест погодоци постигна Мојсие Тасески. Во тимот на Металург РА, кој останува на нула бодови и по осум кола, со 11 погодоци се истакна Христијан Неданоски, а Александар Прцуловски постигна седум гола.