Кире Лазаров како во најдобрите денови, го реши Шамбери во последната секунда

Екипата на Нант славеше со 29:28 на гостувањето кај Шамбери, а херој во победата е Кире Лазаров кој реализираше во последната секунда од натпреварот.

Со голот кој Лазаров го реализираше во последната секунда од средбата практично беше обезбеден триумф бидејќи резултатот не беше во полза на гостите. Шамбери водеше со 28:26 на две минути до крај. Сепак, тогаш со двата гола на Ајмерик Мине и еден на Лазаров дојде до пресврт и до победа за тимот на Нант.

Лазаров на оваа средба имаше реализација од 60 проценти. Постигна четири гола од игра и два од линијата од седум метри, а упати десет шута кон противничкиот гол. Со ова беше и најефикасен во редовите на победничкиот тим. Кај Шамбери, Фахрудин Мелиќ со седум гола беше најефикасниот.

Со оваа победа екипата на Нант остана во првата петка на табелата во најсилната лига на Франција. Има 16 бода исто како и тимовите на Ним, Тулуз и Монпелје. ПСЖ е убедливо на врвот со максимални 22 бода после 11 кола.