Кире Лазаров е новиот селектор на Македонија!

Како што најави 24Ракомет пред две недели, Кире Лазаров ќе биде новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија.

Тоа го потврди претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, на онлајн-средбата со медиумите.

„На вчерашната седница на Управниот Одбор беше донесена одлуката да го избереме за селектор најголемиот човек во нашиот ракомет, кој има најголем придонес за нашиот ракомет – Кире Лазаров. Се договоривме со Лазаров тој да биде нов селектор – тренер на машката ракометна репрезентација, во период од една година додека ја добие мастерс-коуч дипломата. Потоа тој ќе добие четиригодишен договор како селектор. За мене е чест и привилиегија да ви ја соопштам таа вест, бидејќи ова е голем ден за македонскиот ракомет. Пресреќен сум што заедно со Лазаров ќе ги биеме битките за македонскиот ракомет…“, изјави Мукаетов.

Се уште не е познато кои стручњаци ќе бидат во стручниот штаб на Лазаров, но тој најави дека тоа ќе го објави следната недела. Легендарниот десен бек исто така најави ќе биде активен играч и следната сезона, но и тоа ќе биде дополнително потврдено.