Храбриот Келце немаше сили за сензација против Кил

Екипа на Кил во натпревар од 11. коло од Лигата на шампионите забележа победа против Келце со 32:29. Кил со денешната победа дојде до 12 бода на свое конто и се израмни со францускиот Нант, кој во вечерниот термин од 20:45 часот, ќе игра против составот на Целје.

Полскиот шампион и понатаму останува на 2. позиција во групата Б. Избраниците на Талант Душебаев имаат 18 бода.

Ракометарите на Филип Јиха победата ја обезбедија уште во првото полувреме, во кое покажаа целосна доминација против гостинот од Полска, кој се наоѓа во голема финансиска криза и кој остана без еден од клучните играчи, десниот бек Недим Ремили.

Целата ситуација се одрази на самиот резултат, па така ,,зебрите” лесно постигнуваа голови во првиот дел. Домаќините во воведните десет минути се одлепија на 6:2 и до крајот на првото полувреме од минута во минута ја зголемуваа предноста. Тимот на Келце беше немоќен во силниот налет на домашниот тим и одвреме-навреме доаѓаше до погодок во првите 30 минути.

Кил на полувреме замина со висока предност од 22:13 и во вториот дел се опушти поради високата разлика.. Ракометарите на Келце го искористија големиот пад кај домаќините и чекор по чекор се враќаа во игра во финишот од дуелот.

Откако Кил водеше со 24:14, упорниот гостински тим намали на 24:20 и се уште беше во игра за камбек. Бундеслигашот никако не можеше да се одлепи на поголема разлика, но имаше дистанца од три до четири гола позитива, која беше сосема доволна за триумф.

Иако Келце во неколку наврати намалуваше на минус два, сепак, ракометарите на Кил не дозволија да има комплетен пресврт и го водеа натпреварот до сигурен триумф.

Најефикасни во Кил беа Никлас Екберг со осум и Руне Дамке со пет реализации. Кај Келце се истакнаа Дилан Хаки и Аркадиуш Морито со по шест гола.