Келце ја доби драмата против Мотор Запорожје

Екипите на Мотор Запорожје и Келце одиграа неизвесен натпревар во Лигата на шампионите, а на победа се израдуваа избраниците на Талант Душебаев кои триумфираа со еден разлика, 26:25.

Полскиот шампион одигра солидно прво полувреме и не дозволи никакво изненадување од страна на домаќинот. Иако се играше речиси израмнето во првите минути, Келце од 15. минута, па се до крајот на првиот дел беше во водство.

Келце со третиот гол на Душебаев го имаше највисокото водство од 9:6, но ракометарите на Мотор во последните пет минути се потрудија разликата да ја намалат на минус еден и да заминат со негатива од 13:14 на полувреме.

Вториот дел донесе неизвесна игра и борба за секоја топка. Мотор го израмнуваше резултатот, а ракометарите на Келце повторно доаѓаа во позиција до успешна реализација и водство од еден гол разлика. Вистински пресврт се случи во 53. минута кога Мотор го презеде водството и поведе со 23:22.

Следуваше период на уште едно водство на домашната екипа од 24:23, за во последните четири минути, Келце да заигра поангажирано во нападот и да не дозволи вистинско изненадување на теренот. Гостинските ракометари од Полска го израмнија резултатот на 24:24, и преку Каралек повторно ја вратија радоста на својата клупа за 25:24. До крајот се играше гол за гол, но составот на Мотор остана со празни раце пред своите навивачи.

Во составот на Келце по четири погодоци постигнаа Игор Карачиќ, Дилан Нахи и Николас Турна. Во Мотор Запорожје шест ракометари се запишаа во листата на стрелци, најпрецизен беше Ајденас Маласинскас со девет гола.