Келце рутински до триумф против Динамо Букурешт

Екипата на Келце во својот последен натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите одигра во одлично светло пред својата публика и дојде до победа против Динамо Букурешт со 34:29.

Избраниците на Талант Душебаев за момент го презедоа првото место во Групата Б, но главните конкуренти за првата позиција, ПСЖ и Барселона, имаат натпревар помалку.

Келце имаше почеток како што посакуваше. Стартуваше со водство од 3:0 и во првите осум минути во својата мрежа дозволи само еден погодок. Ракометарите на Динамо Букурешт не можеа да го запрат налетот на одличните домаќини, кои од минута во минута го зголемуваа водството на својата екипа. Домаќинот на полувреме замина со сериозна позитивна разлика од плус седум, 20:13.

Келце своја поддршка имаше од голманот, Андреас Волф, кој првото полувреме го заврши со 12 интервенции. Во составот на Келце дојде до големо опуштање во второто полувреме поради високото водство. Тоа беше причина романскиот шампион за момент да ја преполови негативната разлика и да дојде до само минус два негатива, 24:22, во 42. минута.

Талант Душебаев мораше да повика тајм-аут бидејќи можеше да се случи сето она што беше одлично сработено во првото полувреме целосно да биде уништено. Каралек со својот четврти погодок зголеми на 25:22. Потоа следуваа уште два погодоци на Келце во мрежата на противникот за 27:22. Динамо Букурешт се обидуваше повторно да се врати во игра, но Келце не дозволи простор за изненадување.

Најефикасен во победничката екипа беше Аркадиуш Морито со осум погодоци. Во поразениот табор прв стрелец беше Мохамед Мамду со седум погодоци.