Келце немоќен во Брест, Скубе ја наполни мрежата на полскиот првак

Ракометарите на Мешков Брест одиграа фантастичен натпревар во Лигата на шампионите и на домашен терен убедливо го совладаа Келце со 35:30. Белорускиот тим во текот на мечот имаше и многу повисока предност од конечните пет позитива.

Само почетното водство им припадна на ракометарите на Талант Душебаев, Келце отвори со 0:2 и имаше предност до 10. минута од натпреварот кога Обрановиќ погоди за 5:5. Продолжи серијата на Мешков и во текот на првиот дел домашните имаа целосна контрола на играта и резултатот.

Мешков доминираше на теренот, а Скубе и Пачковски се погрижија за 12:8 во 23. минута. Веќе тука Келце заостануваше и до крајот на полувремето немаше одговор на играта на противникот. После 30 минути игра беше 15:11 за Мешков.

Во вторите триесет минути ракометарите на Мешков Брест знаеја како да ја сочуваат предноста стекната во првиот дел и да ја зголемат. Негативата на Келце постојано растеше, а во 47. минута имаа и највисоки девет негатива. До крајот на мечот само успеаја да го ублажат поразот и да избегнат катастрофа.

Најефикасен во тимот на Мешков беше Сташ Скубе со седум погодоци, а го следеа Обрановиќ, Пачковски и Шумак со по пет погодоци. За Келце, Алекс Душебаев и Каралек постигнаа по пет гола, а Кулеш четири.