Карачиќ: Еден ден можеби ќе се вратам во Вардар!

Хрватскиот репрезентативец Игор Карачиќ, кој мина седум години во европскиот првак Вардар и освои две европски титули, засекогаш ќе остане во срцата на навивачите на „црвено-црниот“ клуб.

Тој во меѓувреме стана и македонски зет откако ја побара за сопруга Душица Андоновска, а во интервју за „Balkan Handball“ откри дека еден ден би можел повторно да се врати во Вардар.

„За Вардар не треба да биде заокружена приказната со освојување на втората европска круна, ниту, пак, мојата приказна во овој тим. Дефинитивно може да се видам себе си како пак играм во црвено-црниот дрес, пред фантастичната публика во Скопје. Би сакал Вардар да се опорави и пак да се врати на врвот, можеби не во кусо време. Би сакал Сергеј Самсоненко да ги подобри работите и пак сѐ да биде по старо, а јас да се најдам на теренот во дресот со број 18. Кој знае“, изјави Карачиќ.

Тој во првата сезона во Келце стана шампион на Полска, а со клубот обезбеди место во осминафиналето на Лигата на шампионите.