Карантинот заврши – продолжува машката Супер лига

Има најава и е сосема за очекување клубовите што не тренираат да побараат уште најмалку една недела за тренирање за да може да се продолжи со играње. Некои од екипите кои имаа само по 1-2 заразени си продолжија со нормално тренирање, но имаше некои кои сите мораа во изолација.  

Неделава ќе биде познато кога ќе продолжи првенството во машката Супер лига, откако сите членови на клубовите што беа позитивни го завршија задолжителниот карантин. Се чека само потврда од РФМ, но и од клубовите за последните негативни тестови. Останува само да се потврди уште колку денови ќе им се даде на клубовите за тренирање пред продолжување на натпреварите.

Сепак, веќе има сигнали дека ќе може наскоро да се почне со натпревари и да се заврши есенскиот дел од сезоната. Првиот тим кој пријави голем број на заразени беше КЛ7. Сега таму ситуацијата е веќе санирана. Ракометарите на КЛ 7 кои беа позитивени на Ковид 19 пред повеќе од две недели се добро. Сите се подготвени за враќање назад на терен, но останува тоа да се случи од понеделник. Нема проблеми и ќе можат одново на тренинг и на натпревари.

Во Радовиш ситуацијата полека се средува. Екипата е на тренинг од понеделникот, а има еден позитивен ракометар за кој се очекува деновиве да добие довола за враќање на тренинг и продолжување со работа. Охриѓани исто така тренираат, но не се во комплетен состав. Дел од играчите уште се во изолација и се очекува до вторник или среда и тие да можат да се приклучат на колегите на тренинг.

Целиот тим на Работнички доби решение да замине во изолација иако повеќе од 90 отсто од челновите немаа симптоми, но бидејќи биле во контакт со оние кои беа позитивни и покажаа симптоми мораа да бидат изолирани. Утре завршува периодот на самоизолација, за понеделник е закажано комплетно тимско тестирање, и доколку сите се негативни веднаш продолжуваат со тренирање.

Ракометарите на Струга кои беа позитивни на Ковид 19 и понатаму се во изолација. Тие ќе треба да мируваат до 9 октомври, а се очекува после ова да добијат зелено светло и да можат да се вратат на терен одново. Најавите се дека ќе им бидат потребни уште две недели после враќањето на терен за да можат да се подготват за продолжението од сезоната, но останува да се види како ќе се одвиваат работите и како размислуваат во РФМ.

Сезонава првенството е поделено во две групи по седум екипи. Планот беше есенскиот дел да заврши до крајот на октомври. Сега РФМ ќе мора да прави нов план. Во Прва лига ќе се игра турнирски и со забрзано темпо, за да има повеќе одиграни натпревари. Во Супер лигата е поинаку, и веројатно ќе се бара нов систем.

Најпроблематично ќе биде за Металург бидејќи скопјани се пласираа во групната фаза од Лига Европа, а истовремено играат и во домашното првенство. Ќе мораат да имаат доста одложени или однапред одиграни средби.

Сега, РФМ и комесарот ќе треба да најдат ново решение.