Кантегрел: Не знам многу за Македонија, но кога ќе те побара гигант како Вардар – не можеш да кажеш не!

На македонските голмани Марко Кизиќ и Борко Ристовски следната сезона во Вардар ќе им се придружи францускиот голман Робин Кантегрел.

Тој за „Хенд Њус“ вели дека штом добиваш понуда од гигант како „црвено-црниот“ тим, не смееш да ја одбиеш.

„Кога бев помлад, завршните турнири во ЛШ ги гледав на ТВ со мојот татко. Вардар во меѓувреме стана легендарен клуб, а кога таков гигант ќе дојде да те побара, не можеш да го одбиеш“, вели Кантегрел.

Иако доаѓа од земјата што е повеќекратен светски и европски првак, Французинот е свесен дека ќе мора да се бори за улогата на прв голман во тимот.

„Не размислувам премногу далеку, одам чекор по чекор и знам дека ќе морам да давам се од себе на секој тренинг и натпревар. Вардар го врати и Борко Ристовски, кој е прв голман во македонската репрезентација, па конкуренцијата ќе биде голема“, продолжува Кантегрел.

Францускиот голман е уверен дека финансиските проблеми се минато за европскиот шампион.

„Знаев за тие проблеми, но Михајловски го решил тоа и се ќе биде во ред. Почнувам со подготовките за Скопје, таму ќе одам со мојата девојка, за да не бидам осамен, но да бидам искрен не знам многу за Македонија. Се обидувам да „дешифрирам“ кирилица, но се уште сум далеку од разбирање на македонскиот јазик. Ова е нова авантура за мене, верувам дека се ќе биде во најдобар ред“, завршува Кантегрел.