Кантегрел за 24Ракомет: Вардар има луди навивачи – едвај чекам да ја почувствувам атмосферата во Скопје!

Тимот на Вардар го реши голманското прашање за следната сезона. На Борко Ристовски и Марко Кизиќ, ќе им се придружи францускиот голман Робин Кантегрел, кој доаѓа од Сесон Рен.

Иако имаше уште една година од договорт со Сесон, сепак Кантегрел не се двоумел воопшто дали да се пресели во Скопје кога ја добил понудата од европскиот шампион Вардар.

„Постигнавме договор и јас ракометар на Вардар во следните две години“, вели Кантегрел во интервјуто за 24Ракомет.

Вардар ќе биде прв негов интернационален предизвик, откако досега беше член на Нант, Понто Комбо и Сесон Рен. Со настапите на Понто Комбо ги освои симпатиите на француската јавност, а доби повик и од тогашниот селектор Дидие Динар за квалификациските натпревари против Португалија за ЕП 2020.

„Вардар е голем клуб, клуб институција и секоја година игра во Лигата на шампионите, а тоа е нивото на кое јас претендирам на долг рок. Но тоа ќе мора да го постигнам со напорна работа секој ден. На 25 години јас сум се уште играч што треба да се докажува, а доаѓам да учам од искуството и знаењето на Дејан Периќ, кој сигурно ќе донесе нешто ново во мојата игра“, вели Кантегрел.

Со тимот на Нант беше дел и од Лигата на шампионите во два наврати, но не доби голема минутажа.

„Секако дека очекува сега да добијам минутажа, инаку не би доаѓал во Вардар. Јас сум продукт на тимот на Нант. Кога Нант играше во Лигата на шампионите, шанса добиваа Сирил Димулан и Арно Сифер, двајца потврдени голмани. Сега е поинаку, јас имам веќе солидно искуство на 25 години и се чувствувам подготвен за предизвикот да застанам на голот на Вардар“, продолжува Кантегрел.

Францускиот чувар на мрежата знае доволно за „црвено-црниот“ тим и едвај чека да ја почувствува атмосферата што ја прават навивачите во Скопје.

„Сите знаат дека Вардар е голем европски клуб, институција а има неверојатен резултат со две европски титули, многу трофеи во СЕХА лигата и сјајно минато. Сите знаат и дека неговите навивачи се неверојатни и прават луда атмосфера. Едвај чекам и јас да ги доживеам таквите моменти и да им се заблгодарам на сите нив што ми испратија пораки за добредојде“, вели Кантегрел.

Вардар следната сезона ќе има изменет лик со многу нови ракометари, но голманот смета дека може повторно да биде конкурентен за најголеми дострели.

„Сметам дека можеме да бидеме конкурентни на најсилните тимови во Европа. Вардар веќе има одлична структура на тимот, го задржа костурот – многу искусни играчи и уште неколку млади талентирани. Мислам дека доаѓаат уште неколку млади кои се гладни за успеси. Амбициите се високи, а на нас – новите играчи, ни останува да се адаптираме брзо и да одговориме на сите барања“, завршува Кантегрел.