Како ќе изгледа новата сезона во Лигата на шампионите – може ли Вардар пак до Келн? (ФОТО)

Многу промени ќе има во Лигата на шампионите за следната сезона 2020/21. 28-мото издание на елитното натпреварување ќе се игра по нов формат, со 16 екипи поделени во две групи по осум.

Натпреварувањето ќе биде отворено со групната фаза, по што следува нокаут-фазата или осминафиналето, па четвртфинале и на крај завршниот турнир во Келн.

Само завршниот турнир ќе се игра за викенд, сабота и недела, а сите други натпревари во среда и четврток од 18:45 часот и 20:45 часот.

Групна фаза (16/17 септември 2020 – 3/4 март 2021)

16 тимови ќе ги добијат своите ривали на 1 јули и ќе бидат поделени во две групи по осум, а нема да може да играат две екипи од иста држава во иста група. Сите тимови ќе одиграат по 14 натпревари (по седум дома и на гости), а по комплетирањето, прво и второпласираните ќе играат директно во четвртфинале, додека оние од трето до шесто место во осминафинале. Седмо и осмопласираните се елиминирани.

Плеј-оф (31 март/1 април 2021 – 7/8 април 2021)

Во четири дуели на гости и дома, оние од трето до шесто место во групата А, ќе вкрстат со тимовите од групата Б, по принципот А3-Б6, А4-Б5, А5-Б4 и А6-Б3. Четирите победници се пласираат во четвртфиналето, додека поразените се елиминирани.

Четвртфинале (12/13 мај 2021 – 19/20 мај 2021)

Во четири дуели на гости и дома, осумте тимови ќе се борат за место на завршниот турнир во Лигата на шампионите.

Завршен турнир, Ф4 (12/13 јуни 2021)

Место и принципот на играње на завршниот турнир нема да се промени за сезоната 2020/21. Полуфиналните средби ќе се играат на 12 јуни, додека натпреварот за трето место и финалето ќе бидат на програмата на 13 јуни во „Ланксес Арена“.

Единствен македонски претставник во елитното натпреварување во новата сезона ќе биде Вардар. По три последователни учества и две титули, во оваа сезона Вардар беше елиминиран, но не на теренот и нема да се бори на Ф4.

Сепак во новата сезона подновениот тим изгледа сосема солидно и би требало да биде конкурентен најмалку да ја помине групната фаза, а потоа и да се бори за целта што ја најави Михајло Михајловски – четвртфиналето.

Во претходните сезони, кога ракометарите на Вардар се надминуваа себе си и елиминираа многу посилни и поквалитетни состави, нема зошто да не се верува дека и во новата сезона ќе може да конкурира за место на завршниот турнир.