КАКО ДО ШАМПИОН: Куманово не сака прекин или поништување на женското првенство

Женската екипа на Куманово и покрај кризата со корона вирусот продолжува да работи и да се подготува за продолжението на сезоната. Ракометарките во определен термин се онлајн приклучени и работат заеднички тренинзи од дома за да ја одржуваат формата.

Управата на Куманово смета дека откако ќе се смири ситуацијата со корона вирусот првенството ќе се продолжи. Според нив најлогична и очекувана одлука на РФМ е првенството да заврши на терените.

„Екипата тренира онлајн во одреден термин со демонстрација на вежбите од дома откако беа воведени мерките и вонредната состојба. Очекуваме одлука од РФМ за продолжување на првенството и начин како ќе биде завршено. Не поддржуваме прекинување или поништување на првенството. Нашите очекувања се дека кон крајот на мај повторно ќе играме и ќе ја завршиме сезоната на терен“ изјави претседателот на клубот Бобан Пеовски.

Во моментот на прекинување на првенството Куманово е на првата позиција со максимален учинок без пораз и е главен кандидат за шампионската титула. Ова е можност за прв пат екипата да стане шампион на Македонија откако минатата сезона го освои купот. Главен конкурент во борбата за титулата е Металург кој заостанува три бода зад Куманово.