Каков ќе биде ростерот на Куманово наредната сезона – понуди за Мрвовиќ, Ѓурковиќ, Колоски…

Еден од клубовите кој успеа да обезбеди опстанок во Супер лигата, Куманово, најверојатно за новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе има одредени промени во играчкиот, но и стручниот кадар.

Куманово имаше забележителни партии во вториот дел од сезоната, во која тимот  играше во плеј-аут фазата и успеа да го сочува суперлигашкиот статус и за наредната сезона.

Дел од најдобрите поединци на Куманово веќе на своја адреса имаат понуди од неколку домашни суперлигаши, така што првиот македонски шампион ќе треба да се активира на трансфер пазарот и веднаш да се вклучи во потрага по нови засилувања, со кои би ги пополнил испразнетите позиции.

Како што е веќе познато, раководството на Куманово ќе треба да ангажира нов тренер, бидејќи Игор Котевски, кој го препороди тимот и беше најзаслужен за опстанокот на Куманово во елитата,  си замина од тренерската функција.

Од клубот си заминaа левиот и десниот бек Немања Ѓурашковиќ, односно Никола Бечејац, ракометари кои дадоа голем придонес во кумановскиот состав.

Од останатите странски ракометари во Куманово играа Вучко Мрвовиќ, Владан Кастратовиќ и Зоран Ѓурковиќ, а тука се и македонските играчи Стефан Колоски, Христијан Крстаноски, Влатко Тасевски…но има големи прашалници како ќе изгледа ростерот на кумановци следната сезона.