Со каков ростер ќе располага европскиот првак – кои ракометари заминаа, а кои дојдоа во Вардар

Европскиот шампион Вардар во новата сезона ќе има изменет лик, иако останаа половина од ракометарите што играа минатата сезона. Од пред три седмици „црвено-црниот“ тим официјално се врати во рацете на Михајло Михајловски и започна нова ера.

Тренерот Стевче Алушовски повторно ќе има состав за респект, можеби не за завршницата од Лигата на шампионите, но состав што ќе може да биде конкурентен за целта што ја најави Михајловски – четвртфинале.

Прв наследник на Сташ Скубе ќе биде хрватскиот репрезентативец Анте Гаџа од Загреб, а ќе биде ангажиран уште еден плејмејкер. Се уште во комбинација се Миха Зарабец од Кил и Ловро Јотиќ, кој си замина од Еурофарм Пелистер, но има преддоговор со Бенфика.

На десната бековска позиција друштво на Томислав Јагуриновски ќе му прави Јосип Векиќ, кој лани беше дел од Загреб, но тој повеќе ќе биде користен во одбраната. Беше ангажиран и некогашниот член на Веспрем и Кил, Марко Вујин, кој допрва ќе треба да ја враќа формата во која некогаш беше.

Од бековските позиции, слабост би можело да има на левата, со оглед на тоа што Талески и Дисингер одамна немаат континуирано добри настапи, а Германецот е често подложен на повреди.

Голманската и двете крилни се одлично пополнети, останува да биде ангажиран уште еден среден бек и евентуално лев бек, па Алушовски може помирно да го направи планот за подготовките кои треба да почнат на 18 јули. Во меѓувреме ќе биде познато и кои од младите ракометари ќе бидат дел од филијалата на Вардар – Работнички.

Ривалите во групата од Лигата на шампионите, Вардар ќе ги дознае на 1 јули.

Ростер на Вардар за следната сезона:

голмани: Ристовски, Кизиќ, Кантегрел
леви крила: Дибиров, Димитриоски
леви бекови: Талески, Дисингер, ?
средни бекови: Мишевски, Карапалевски, Крстевски, Гаџа, ?
десни бекови: Јагуриновски, Периќ, Вујин
десни крила: Чупиќ, Георгиевски, Ќосевски
пикери: Стоилов, Калараш, Атанасовски, Гашовски, Валчак

дојдоа: Робин Кантегрел (Сесон), Анте Гаџа (Загреб), Стефан Крстевски (Вардар Јуниор), Филип Талески (Балинген), Томислав Јагуриновски (Металург), Давид Гашовски (Вардар Јуниор), Гоце Георгиевски (ЧСМ Букурешт), Јосип Векиќ (Загреб), Стефан Атанасовски (Вардар Јуниор), Марко Вујин (Спортинг Лисабон), Патрик Валчак (Либек)

заминаа: Калифа Гедбан (Адемар Леон), Артурс Кугис ?, Дејан Кукуловски (Еурофарм Пелистер), Павел Атман (ЦСКА Москва), Даинис Кристопанс (ПСЖ), Данил Шишкарев (Веспрем), Сергеј Горбок ?, Сташ Скубе (Мешков Брест), Домен Сикошек Пелко (Ла Риоха), Сергеј Горпишин ?, Жозе Толедо (Баја Маре)