Каков состав склопи Вардар – Кој е највисок, кој е најмлад, кој до кога има договор…(ФОТО)

Европскиот шампион Вардар во новата сезона ќе има изменет лик, иако останаа половина од ракометарите што играа минатата сезона. Од пред еден месец „црвено-црниот“ тим официјално се врати во рацете на Михајло Михајловски и започна нова ера. Тренерот Стевче Алушовски повторно ќе има состав за респект, можеби не за завршницата од Лигата на шампионите, но состав што ќе може да биде конкурентен за целта што ја најави Михајловски – четвртфинале.

Прв наследник на Сташ Скубе ќе биде хрватскиот репрезентативец Анте Гаџа од Загреб, а беше ангажиран и Ловро Јотиќ од Еурофарм Пелистер. На десната бековска позиција друштво на Томислав Јагуриновски ќе му прави Јосип Векиќ, кој лани беше дел од Загреб, но тој повеќе ќе биде користен во одбраната. Беше ангажиран и некогашниот член на Веспрем и Кил, Марко Вујин, кој допрва ќе треба да ја враќа формата во која некогаш беше.

Највозрасниот ракометар во екипата ќе биде голманот Борко Ристовски, кој е дупло постар од најмладиот Марко Кизиќ. Највисокиот е десниот бек Јосип Векиќ, а Вардар има уште четворица двометраши. Сигурно на ниедна екипа нема да и биде лесно кога во одбрана ќе застанат Калараш, Векиќ, Талески или Дисингер. Просечната старост на екипата е 26 години, додека просечната висина е 193 цм, а тежина – 94 кг.

Најдолг договор има Јосип Векиќ до 2024 година, а Крстевски и Јагуриновски до 2023 година. Повеќе ракометари се обврзаа само на едногодишна верност, па на раководството на Вардар уште од јануари 2021 ќе му претстои многу работа за обновување на договорите или потрага по нивни замени.

Подготовките треба да почнат на 18 јули, а потоа ќе биде познато и кои од младите ракометари ќе бидат дел од филијалата на Вардар – Работнички. Европскиот шампион првите пријателски натпревари би требало да ги има на Струшкиот турнир, а потврдено е и учеството на турнирот во Кањижа, каде што ќе настапат ПИК Сегед и Нексе Нашице.

Ростер на Вардар за следната сезона:

голмани: Ристовски, Кизиќ, Кантегрел
леви крила: Дибиров, Димитриоски
леви бекови: Талески, Дисингер
средни бекови: Мишевски, Карапалевски, Крстевски, Гаџа, Јотиќ
десни бекови: Јагуриновски, Векиќ, Вујин
десни крила: Чупиќ, Георгиевски, Ќосевски
пикери: Стоилов, Калараш, Атанасовски, Гашовски, Валчак

дојдоа: Робин Кантегрел (Сесон), Анте Гаџа (Загреб), Стефан Крстевски (Вардар Јуниор), Филип Талески (Балинген), Томислав Јагуриновски (Металург), Давид Гашовски (Вардар Јуниор), Гоце Георгиевски (ЧСМ Букурешт), Јосип Векиќ (Загреб), Стефан Атанасовски (Вардар Јуниор), Марко Вујин (Спортинг Лисабон), Патрик Валчак (Либек), Ловро Јотиќ (Еурофарм Пелистер)

заминаа: Калифа Гедбан (Адемар Леон), Артурс Кугис ?, Дејан Кукуловски (Еурофарм Пелистер), Павел Атман (ЦСКА Москва), Даинис Кристопанс (ПСЖ), Данил Шишкарев (Веспрем), Сергеј Горбок ?, Сташ Скубе (Мешков Брест), Домен Сикошек Пелко (Ла Риоха), Сергеј Горпишин ?, Жозе Толедо (Баја Маре)