Каков гаф во Србија: Динамо Панчево сака(л) во Лигата на шампионите?!

Екипата која има играно и во СЕХА лигата, Динамо Панчево посакува во новата сезона да си обезбеди место во Лигата на шампионите, така барем пишуваат српските медиуми.

Од овој клуб веќе доставија предлог до Ракометниот сојуз на Србија во кој бараат сезоната да биде прекината и поништена, но притоа да се дефинира начинот на кој ќе биде направено истото.

Според тимот од Динамо најдобро би било да се регистрира сезоната според тоа каков е пласманот после регуларниот дел од сезоната со што на Динамо Панчево би му се дала можност да се пријави во квалификациите за Лигата на шампионите и да се избори да обезбедиместо во ова натпреварување кое во следната сезона ќе брои само 16 екипи.

По се изгледа во раководството на Динамо Панчево не знаат дека догодина нема да има квалификации за елитното натпреварување (немаше и претходните неколку четири сезони) и дека ќе учествуваат 16 екипи (10 според рејтингот и 6 со вајлд-карта).

Српскиот клупски ракомет веројатно веќе го допира дното со оглед на тоа што Србија се наоѓа на 29 место со коефициент 6,00 исто колку и Косово, па догодина од нашиот северен сосед може да игра само еден тим во Лигата на Европа (досега ЕХФ Куп) и три екипи во ЕХФ Купот (досега Челинџ Купот).