Каде се парите, таму ѐ и екс тренерот на Вардар!

Поранешниот тренер на Вардар, Ким Расмусен, кој пред извесен период ја напушти селекторската функција на Јужна Кореја, во следната сезона би можел да биде предводник на еден од најбогатите европски клубови Рапид Букурешт, пренесува романскиот портал „ГСП“.

Според споменатиот медиум, претседателот на Рапид Букурешт, Богдан Василиу бил незадоволен од резултатите во досегашниот тек од сезоната. Рапид Букурешт во вчерашниот дуел против градскиот ривал ЧСМ Букурешт беше убедливо поразен во натпревар од осминафиналето во Купот на Романија.

Клубот се уште има шанси да ја одбрани шампионската титула во романскиот шампионат, додека во Лигата на шампионите успеа да се пласира во осминафиналето каде за противник го доби Есбјерг од Данска.

Рапид Букурешт моментално е предводен од шпанскиот стручнак Карлос Вивер. Според порталот „ГСП“, Вивер во романскиот клуб на месечно ниво заработува околу 6.500 евра.

Расмусен одлично го познава женскиот ракомет во Романија бидејќи беше тренер на ЧСМ Букурешт и Глорија Бистрица, но и селектор на романската женска сениорска репрезентација. Со тимот на ЧСМ Букурешт ја освои Лигата на шампионите во 2016 година.

Минатата сезона доби отказ од Глорија Бистрица, екипа која тогаш имаше буџет од 2,5 милиони евра. За тој временски период беше и најплатен тренер во романскиот шампионат, месечните примања му беа 8000 евра.

Во својата тренерска кариера краток период мина во редовите на Вардар. На репрезентативно ниво освен што беше селектор на Јужна Кореја и Романија, ги предводеше и репрезентациите на Црна Гора и Полска.