Каде е Валеро Ривера, таму се и титулите – Катар петтипат по ред шампион на Азија

Репрезентацијата на Катар уште еднаш ја одбрани титулата на шампионатот на Азија откако во финалето дојде до победа од 29:24 против селекцијата на Бахреин.

Катарците немаа проблеми за трофејот и цело време имаа контрола на натпреварот. Водеа со 14:11 на крајот од првото полувреме, па требаше само да го осигураат трофејот во вториот дел од средбата.

Ова беше петто финале за Катар по ред и продолжување на доминацијата. Под водство на Валеро Ривера едноставно се без конкуренција бидејќи дојдоа и до петтата круна на Азискиот шампионат.

Во првите три финалиња го победија исто така Бахреин. Пред две години беа подобри од Јужна Кореја, а годинава одново со победа против Бахреин се изборија за трофејот со што продолжуваат со одличните резултати.

Ривера е најтрофејниот тренер во светот бидејќи своевремено со тимот на Барселона имаше над 70 титули во сите натпреварувања. Како селектор на Шпанија во 2011 година освои сребро на Мундијалот во Шведска, а две години подоцна беше Светски првак на домашен терен. После овој шампионат го презеде водењето на селекцијата на Катар и почна доминацијата во Азија.

Инаку, на Азискиот шампионат имаше и тренер од Македонија. Александар Царчев со Саудиска Арабија дојде до бронзениот медал. Воедно оваа репрезентација обезбеди и учество на Мундијалот следната година во Шведска и Полска.

Царчев и Динар ја водеа Саудиска Арабија до бронза!