Ако Данска стигне до финале ја чека ‘турнеја’ – Стокхолм, Гдањск, па пак Стокхолм…

Денеска се играат четвртфиналните натпревари на Светското првенство во Полска и Шведска, каде што осум репрезентации ќе се борат за пласман во полуфиналето на Мундијалот. Како што е веќе познато, меѓу најдобрите осум репрезентации, освен домаќинот Шведска, се пласираа и селекциите на Данска, Норвешка, Германија, Франција, Шпанија, Египет и Унгарија.

Според програмата, полуфиналните дуели закажани за 27 јануари треба да се одиграат во Стокхолм и Гдањск.

Она што се знае однапред е дека Шведска треба да игра полуфинале во Стокхолм, доколку во четвртфиналето успее да триумфира против незгодниот тим на Египет, кој е предводен од екс селекторот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо. Шведска доколку триумфира против Египет, во полуфиналето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Франција и Норвешка.

Доколку Шведска не обезбеди полуфинале, тогаш сите надежи за организаторот ќе бидат насочени кон Данска, поради навивачите, кои би пристигнале во уште поголем број.

Но, ако Шведска обезбеди полуфинале, селекцијата на Данска (ако слави против Унгарија) во полуфиналето ќе игра во Гдањск во Полска, а противник ќе биде победникот од дуелот меѓу Шпанија и Норвешка.

Евентуалниот пласман во финалето на Данците, ќе значи пат за назад во шведската метропола и само непотребно малтретирање и одење по аеродроми, иако процедурата е олеснета бидејќи се патува со чартер летови.

Ќе беше многу полесно ако целата завршница се играше во една сала и еден град, полуфинале и финале, а веројатно и од ИХФ кога ги погледнаа сите можни комбинации, го сфатија „киксот“, но веќе беше доцна за корекции и промени во последен миг.

Дури и саатниците за вечерните натпреварите ќе бидат дополнително познати во зависност од тоа кои селекции ќе се пласираат во полуфиналето и финалето, односно дали ќе се игра од 20:30 или од 21:00 часот.