Исландскиот селектор бесен на властите: Заслужуваме ракометен дом

Репрезентацијата на Исланд во двомечот со Австрија обезбеди пласман на Светското првенство кое ќе се игра во Полска и Шведска следната година.

Исланд во реваншот ја победи Австрија дома со 34:26. Сепак и покрај таквата победа селекторот на Исланд, Гудмундур Гудмудсон имаше причина да биде незадоволен. Откако прво зборуваше за натпреварот и играта на неговиот тим, потоа испрати порака до властите во земјата да изградат достоен дом за репрезентацијата.

„Не можам да ја разберам рамнодушноста на власта, ова што ни се случува е национален срам. За сите нас во ракометот е неверојатно како една земја која игра вакви натпревари нема национална арена. Ги повикувам сите политичари да седнат и да пронајдат решение за овој проблем“, изјави Гудмудсон.

Ракометната репрезентација на Исланд нема постојан домашен терен кој ги исполнува условите за вакви натпревари, затоа за натпреварот со Австрија изнајмена беше салата од клубот Хаукур во Хафнарфјордур. Таа сала е со капацитет од само 1.500 гледачи, а според Гудмудсон доколку имало можност федерацијата за овој дуел ќе продала и 6.000 билети.