Има импресивна статистика во Бундес лигата, а не доби репрезентативен повик за ЕП

Ракометарот на Ерланген, Симон Јепсон, кој настапува на позицијата лев бек, не се најде на список кај селекторот на Шведска, Глен Солберг, за настап на Европското првенство.

Швеѓанецот игра одлична сезона во Бундес лигата и моментално со 94 постигнати погодоци се наоѓа на 8. позиција на листата на стрелци во најквалитетната лига во светот.

Статистиката покажува дека Јепсон на вкупно 18 одиграни натпревари во оваа сезона, направил 61 асистенција кон неговите клупски колеги. И покрај импресивната статистика, Јепсон не добил повик за настап во националниот тим на Шведска за Европското првенство кое ќе стартува на 13 јануари, а репрезентацијата на Шведска на самото натпреварување е меѓу фаворитите за висок пласман.

Солберг за Европското првенство на позицијата лев бек повика тројца ракометари, а тоа се – Јонатан Калсбогард (Лемго, Германија), Карл Валиниус (Монпелје, Франција) и Ерик Јохансон (Елверум, Норвешка). За сите споменати играчи, Солберг имаше пофални зборови.

„Симон Јепсон постигнува многу погодоци, но имаме неколку играчи кои добро играат во Лигата на шампионите и кои играат во два правци, напад и одбрана“, изјави Солберг за весникот „Афтонбладет“.

Интересен е фактот дека Симон Јепсон во есенскиот дел од оваа сезона во Бундес лигата има најдобра статистика, доколку се земе во предвид вкупниот број на постигнати погодоци и направени асистенции.

Јепсон со 94 постигнати погодоци и 61 асистенција е лидер во Бундес лигата. Зад него е Џим Готфридсон од Фленсбург со 67 погодоци и 76 асистенции, додека на третото место е репрезентативецот на Данска и член на Фленсбург, Мадс Ларсен со 69 погодоци и исто толку асистенции.

За репрезентацијата на Шведска, Јепсон има забележано 57 официјални настапи. Беше дел од Светското првенство во 2017 година, како и од Европското првенство 2018 година кое беше одржано во Хрватска.