Иван Марковски е нов тренер на Мулти Есенс

Поранешниот македонски репрезентативец Иван Марковски се враќа во Македонија и во новата сезона ќе биде тренер на новиот суперлигаш Мулти Есенс од Скопје. Според информациите на 24Ракомет, денеска Марковски и управата на клубот ги договорија сите детали за идната соработка.

Тој доаѓа на местото на Бранко Ангеловски, кој го внесе тимот во елитното друштво без ниту еден пораз, а потоа не доби продолжување на договорот. Мулти Есенс лани првпат се пријави за настап во Прва лига и експресно стигна до ракометната елита.

Марковски во пролетниот дел од годинава работеше во Катар, во тимот на Катар Спорт Клуб, а претходно беше во Кина, каде што ја заврши својата едногодишна мисија во тимот на Шандонг каде беше тренер на женска екипа.

Тој ја започна тренерска кариера во некогашниот ХЈС Работник (сегашен Еурофарм Пелистер) во Битола, а потоа работеше во Франција, во тимот на Ле Самбр Авенуа. По камбекот во Македонија го презема составот на Металург и успеа да го извлече максимумот во Автокоманда, но си замина кон крајот на 2021 година.

Во играчката кариера Марковски ги носеше дресовите на Вардар, Пелистер и Металург, а во странство играше за Загреб, Oсијек, Метковиќ, Трст, КАИ Арагон…

Марковски со Мулти Есенс ќе биде дел од групата Б во новата сезона од Супер лигата, а како дел од подготовките овој клуб ќе игра на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ од 25 до 28 август во Прилеп.

Мулти Есенс во Суперлигата ќе се соочи со Прилеп, Пролет, Вардар, Голден Арт, Еурофарм Пелистер, Бутел Скопје и Вардар Неготино.