Здрахала: Мораме да победиме против Македонија

На првиот натпревар од групата Б каде што се натпреварува Македонија, помеѓу селекциите на Австрија и Чешка домашната репрезентација оствари победа со 28:25. Еден од најдобрите играчи на поразената екипа Ондреј Здрахала имаше свое видување на првиот настап и отварањето на првенството со пораз.

„Во некои фази од мечот игравме многу добро, а во некои многу лошо. Во завршницата одигравме многу лошо, примивме лесни голови, а во нападите го промашувавме голот и не успевавме да реализираме. Тоа се главните причини за поразот, исто така и нервозата кај некои наши играчи имаше влијание. За два дена го имаме вториот меч и мораме да победиме“, коментираше чешкиот плејмејкер.

Здрахала имаше и краток коментар за очекувањата од дуелот против Македонија кој е следниот нивен предизвик и истакна дека се уште ја бара старата форма од пред повредата.

„Ќе гледаме видео од Македонија, ќе видиме како тие играат. Сеуште не знаеме каква ќе биде нивната игра на овој шампионат и ќе видиме, мораме да победиме. Бев повреден неколку месеци, играв само малку пред првенството и сеуште не знам во каква форма сум“, заврши Здрахала.

Следниот натпревар проотив Македонија е клучен на првенството на кој мораат да победат доколку сакаат да останат со шанси за втор круг.