За Вардар нема пауза – денеска во Монпелје, задутре во Нашице, в недела во Кавадарци

Ракометарите на Вардар продолжуваат да настапуваат во турбо ритам на три фронтови овој месец.

Македонскиот шампион денеска е на гости во Монпелје во меч од Лигата на шампионите (18:45), а утре оттаму ќе патува до Нашице, каде за два дена има натпревар.

Тоа ќе биде двобој против Нексе (20:00), од третото коло во регионалната СЕХА лига, а хрватскиот тим славеше во Скопје на премиерата во новата сезона од ова натпреварување.

В сабота вардарци ќе се вратат во Македонија, но нема да имаат многу време за одмор и пауза, бидејќи в недела ги чека нов предизвик.

„Црвено-црните“ ќе гостуваат кај Тиквеш (19:00) во Кавадарци на дуел од 21 коло во суперлигашкото друштво.

Стратегот Давид Дејвис се соочува со големи проблеми поради повредата на Анте Гаџа, но ќе комбинира со Мартин Карапалевски и Стефан Крстевски на средната бековска позиција.