Запознајте го новиот член на Металург: Освои сребро на СП со Хрватска, а сега игра за Босна и Херцеговина (ВИДЕО)

Босанскиот репрезентативец Марко Тарабокија го комплетираше ростерот на тимот на Металург за следната сезона. Станува збор за одличен среден бек, кој има 31 година, а во Автокоманда доаѓа од унгарскиот Чурго. Tој е роден во Загреб и во младинските категории беше член на хрватската репрезентација, но подоцна во 2015 година поради големата конкуренција реши да игра за Босна и Херцеговина, земја од која потекнува неговата мајка.

Со Хрватска има освоено сребрен медал на Светското првенство за кадети во 2007 година во Бахреин со генерацијата на Домагој Дувњак, Лука Раковиќ, Горан Богуновиќ, Мануел Штрлек, Иван Пешиќ…Сепак неговата кариера баш и не се одвиваше според очекувањата на стручњаците. Професионалниот пат го започна во Загреб, пред да се пресели во словенечкиот Марибор, каде играше две сезони.

Во 2013 година направи трансфер во полскиот Азоти Пулави и веднаш стана лидер, а најдобриот дел од кариерата го имаше во Висла Плоцк, каде играше од 2015 до 2019 година и два пати стигна до осминафиналето од Лигата на шампионите. Последната сезона во Полска му ја одбележа сериозната повреда на лигаментите на коленото, а формата се обиде да ја врати со потписот лани во октомври за хрватскиот Сесвете.

Таму настапи на осум меча во есенската полусезона и даде 31 погодок, пред да потпише за унгарскиот Чурго, каде одигра само пет меча во шампионатот кој беше прекинат во март. Иако станува збор за среден бек, чија првична задача е да ги разигрува останатите, Тарабокија е играч што често е најдобар стрелец на натпреварите и нема сомнеж дека Зоран Кастратовиќ доби одличен ракометар.

Погледнете дел од неговите погодоци…