Загреб остана без искусниот бек: Бичаниќ ја заврши кариерата

Екипата на ППД Загреб денеска остана без еден од своите поискусни ракометари откако Дамир Бичаниќ одлучи да стави крај на својата играчка кариера.

Тој на прес-конференција информираше дека планира да се повлече од играњето, но дека сака да остане и понатаму во клубот.

„Би му се заблагодарил на клубот што во мене препозна личност која во новиот формат на Лигата на шампионите ќе се занимава со комуникација кон главната организација, но и кон другите клубови. Исто така ќе бидам вклуче и во комуникацијата со СЕХА лигата. Малку е чудно да се заврши кариерата на ваков начин и на ова не се надевав. Сепак, животот пишува чудни приказни и за ова сме сведоци во минатите два месеци. Искрено, моите чувства се измешани бидејќи јас сум професионалец од свои 15 години. Малку сум тажен, но од друга страна останувам во клубот кој го сакам и ќе е занимавам со работа која е поврзана со спортот со кој се занимавам цел живот“, коментираше Бичаниќ на денешниот прес.

Најголемиот дел од својата кариера го мина во редовите на Шамбери каде играше од 2010 до 2017 година, а последните три години беше дел од Загреб. Претходно за Загреб играше и во сезоната 2007/08.

Бичаниќ има 34 години, а во кариерата има и 101 натпревар во дресот на репрезентацијата на Хрватска.