Загреб експресно назначи наследник на Вори – Шола е новиот предводник на „плинарите“

Една легенда на хрватскиот ракомет го напушти Загреб, а друга веднаш се најде на тренерската позиција. Од денеска Игор Вори повеќе не е дел од шампионот на Хрватска, но на негово место доаѓа голманот кој остави длабока трага во многу трофеи, Владо Шола.

Оваа одлука не е изненадување бидејќи Шола беше еден од тренерите кои се споменуваа за оваа функција, а воедно тој е без ангажман откако составот на Пекинг Универзитет годинава нема да игра во СЕХА-лигата.

Шола играчката кариера ја заврши во тимот на Загреб пред 12 години, па сега ќе има можност и како тренер да се покаже во истата екипа. Ќе има тешка задача да го крене нивото на игра во составот кој има проблеми со формата од стартот на сезоната.

Раководството бара бодови, па оттаму се прави сè за да се врати нивото во клубот кој сезонава почна многу лошо.

Засега нема информации кој би бил дел од стручниот штаб на Владо Шола, но не е исклучена можноста во тимот да се најде и актуелниот селектор на Хрватска, Лино Червар. Тој би имал некоја функција на советник доколку прифати таква улога.