Жуков: Помислив дека играме во Македонија

Ракометарите од Украина се разочарани од загубениот меч против Македонија. На стартот на Европското првенство тие беа поразени со гол во последната секунда кој беше дело на Кире Лазаров.

Македонија славеше со 26:25 и се радуваше на бодовите на овој дуел така што на стартот од групата Б, Македонија и Австрија имаат по два поени и веќе в недела можат да донесат одлука за патниците во вториот круг.

„Атмосферата за играње беше прекрасна, едноставно прекрасна. Сепак, на теренот се чувствувавме како да не сме во Виена туку во македонија. На крајот среќата ни го сврте грбот, едноставно ја немавме. Се виде и искуството кое Македонија го има од играњето на вакви натпреварувања. Капитенот на Македонија, Лазаров одлучи на крајот за победникот“, коментираше Украинецот, Станислав Жуков.

Македонија в недела од 16 часот се соочува со селекцијата на Чешка, а од 18:15 часот Украинците играат против домаќинот Австрија.