ЕХФ избегна нови реакции: Сагосен може да игра само за Кил на Ф4!

На состанокот на Извршниот комитет на Европската ракометна федерација беше донесена одлука околу недоумиците за настапот на играчите што во меѓувреме ќе променат клуб на завршниот турнир во ЛШ.

Иако не е дозволено еден играч да игра за два клуба во иста сезона во Лигата на шампионите, сепак е потврдено дека ракометар може да игра на завршниот турнир со  клубот во кој настапува во моментот на одржување на настанот (среде 2020/2021 сезона), независно од неговиот ангажман во сезоната 2019/2020.

Учесници во Келн на 28 и 29 декември оваа сезона ќе бидат ПСЖ, Барселона, Веспрем и Кил, а двајца ракометари ќе направат трансфери од еден во друг клуб учесник.

Голманот на ПСЖ, Родриго Коралес, и неговиот соиграч Сандер Сагосен, ја започнаа сезоната во францускиот првак и му помогнаа да се обезбеди место меѓу најдобрата четворка, но сепак ќе застанат на спротивната страна во декември.

Коралес стави потпис на договор со унгарски Веспрем, додека Сагосен се обврза на договор со германски Кил. Нивните трансфери беа реализирани пред да започне пандемијата со коронавирусот.