ЕХФ ги откажа, а ИХФ ги одложи квалификациите за Светското првенство во Египет!

Лавина реакции предизвика одлуката на Европската ракометна федерација да ги одложи квалификациите за место на Мундијалот во Египет следната година поради коронавирусот.

Од ЕХФ беа децидни дека поради натрупаниот календар не може да се најде место уште за една репрезентативна акција од септември, но мислењата на многу ракометни стручњаци се спротивни.

Шансата на Македонија и уште 13 други селекции да се борат на теренот за место на СП отиде во неврат, но остана шансата за вајлд карта од ИХФ, која засега има две на располагање.

Пополнети се 28 места на Мундијалот, а преостанатите две места се резервирани за Северна Америка и Карибите, и за Средна и Јужна Америка. Квалификациските турнири требаше да се одржат од 1 до 7 јуни во Мексико, и од 15 до 21 јуни во Ел Салвадор, но тие се одложени поради состојбата со коронавирусот.

ИХФ го постави 31 октомври како последен датум до кој овие квалификациски турнир мора да се одиграат и да бидат комплетирани учесниците. Доколку не се одиграат до тогаш, ИХФ ќе има на располагање уште две вајлд-карти, па многу веројатно дека дури во ноември ќе бидат познати сите патници на СП.