Еуро 2020: Украина e можност за убав старт, Македонија е изразит фаворит утре

Бранко Ангеловски е поранешен репрезентативец на Македонија. Како младинец играше на Мундијалот во 1997 година во Турција, а потоа имаше долга сениорска кариера во репрезентацијата. На Европските првенства играше во 2012 и во 2014 година.

Кога ќе се спомене украинскиот машки ракомет, прво нешто што ми доаѓа да помислам се имињата на Виталиј Нат, Олек Велики, Лочман, Петренка, Бутко… Тоа е само еден дел од генерацијата 1976 и помлади, која на Светското младинско првенство, оддржано во Турција во 1997 година го освои сребрениот медал откако во финалето беа поразени од репрезентацијата на Данска, со Каспер Хвидт, Јоаким Болдсен, Ласе Боесен…

Генерацијата 76-та даде одлични играчи поединци и уште подобар колектив. Силата на таа репрезентација, од јуниорска премина во сениорска, па така од 2000 до 2010 година беа присутни на пет од можните шест Европски првенства. Вистина, секогаш беа меѓу последно пласираните на тие Европски првенства, со изговор дека еден дел од нив паузирале од репрезентативните како би играле за друга репрезентација: на пример Велики за Германија, Шелменко за Русија, а Лочман замина по пари во арапскиот свет, а таму парите и кариерата не одат заедно.

После тоа, Украина ја снема на големата сцена, сигурно немаше да биде ни оваа година доколку на ова првенство немаше 24 земји учеснички. Во овие последни десет години, Украина сигурно вадела добри поединци, но никако не успеала да извади екипа или „команда“ која може да игра со најмоќните на големите натпреварувања.

За ова првенство, украинскиот селектор Бебешко, најголемиот проблем го имаше во составувањето на селекцијата. Сигурно најголем хендикеп е неиграњето на еден од нивните најдобри играчи и единствен сериозен десен бек, Онофриенко. Неговото отсуство најверојатно ќе го надомести со некој играч од левите бекови, затоа што доведувањето на левакот Чучукало нема да биде некое решение, па затоа мислам дека на таа позиција најмногу би играл Остроушко или Жуков. Исто така, ќе отсуствува искусниот среден бек Кириленко, играч кој ги одигра сите натпревар во квалификациите. На негово место е еден од најмладите во нивниот состав, Залевски.

Украинците сакаат „брз центар“

Колективната тактика на украинскиот тренер, Бебешко, се темели на неговото инсистирање за постигнување лесен гол од контра, полуконтра и после примен гол, да нападне со некоја комбинација преку „брз центар“. Таа идеја да би била продуктивна, најбитна работа е да играте без измени, да имате играчи што би играле квалитетно и во двата правци. Мое мислење е дека украинскиот тренер е лимитиран со изборот на играчи и свесно оди со основна тактика на наттрчување. Во оваа ситуација, во нивната основна одбрана 6-0, средниот бек ќе игра на позиција краен играч во одбрана, (6), како би можел најдобро и најлесно да ја повлече полуконтрата на Украина. Во ваков случај, најоптоварен нивни играч би бил левото крило Денисов, кој ќе мора да биде задолжен за Лазаров и би играл на позицијата (5) во одбрана. Во средината на нивната одбрана, би биле нивните два бека, додека позицијата (2) би ја играл пивотменот Гурковски, или некој од десните бекови кој би играле во напад, доколку Шевелев е пивотмен во напад. Крајната позиција (1) би ја играл едно од десните крила, Акименко или Козакевич.

Во овој случај, нивната полуконтра би почнувала преку еден од нивните средни бекови и во голем број на случаи, таа полуконтра ќе завршува на десната страна. Тоа е и природно, а како што кажав погоре, очекувам да играат со три десничари во нападот, па така најлесно може да се направи вишок позиција до десното крило. На позицијата десно крило, Украина има два тотално различни играчи – Козакевич, кој е зицер играч, и чека вистинска прилика за шут, и две години помалиот од него, Акименко, кој ни малку не се колеба да упати удар на голот, а некогаш и од мртов агол. Тој често знае и во фазата на напад, да нападне полукружно и да шутне од далечина како десен бек. Доколку Украина прими гол, тогаш во фазата „брз центар“ најубоито е левото крило Денисов, кој во ист начин како и во нивната полуконтра треба да пробие во средина, со цел да направи добар проток кон десната страна. Пивотмените имаат одлична транзиција, посебно Гурковски, кој за миг ќе се најде во средината на линијата од шест метри. Значи, и во двата случаи, голем дел од нападите преку нивната транзиција завршуваат на нивната десна страна. Доколку немаат шанса за шут од брза транзиција, Украиците играат напад кој многу се разликува еден од друг во зависност кој е на позиција среден и лев бек.

Познати комбинации во нападот на Украина

Нападот со Залевски на среден бек и Остроушко на лев бек е со доста комбинаторика и изложен е на чести прекини. Доколку во игра на среден бек е Тилте, а бекови се Жуков или Буиненко, Украина има шутерски напад. Во оваа ситуација, сите наши одбранбени играчи, заедно со голманите, мораат да бидат спремни на брзи, изненадувачки шутеви. Украинскиот напад, во основа се состои од три комбинации, кои се добро познати на нашите репрезентативци а пивотменот во сите тие комбинации е во средина и чека прав момент на претрчување во празниот простор.

Групната тактика во нападот на Украина ја прават Денисов, Остроушко и пивотменот Гурковски. Не е ни чудно затоа што тие тројца се меѓу најискусните во репрезентацијата и одлично се познаваат. Тука морам да го нагласам претрчувањето во простор од страната на кружниот напаѓач Гурковски, кој сигурно, доколку нашите одбранбени играчи бидат со послаба концентрација, тој тоа добро и искусно ќе го искористува за добивање топка во празниот простор од неговите играчи, поготово од Остроушко и Залевскиј.

Руски систем во играта

За индивидуалната тактика на украинските играчи, нема потреба да зборувам, затоа што сметам дека ниеден од нивните играчи нема квалитет да ни направи сериозни проблеми. Основната нивна одбрана е 6-0, но таа е доста порозна. Искрено очекувам доста наши шутеви од крилна позиција, затоа што нивните крајни играчи во одбрана некогаш и беспотребно помагаат во средина. Нивно најранливо место е средината, имаат високи играчи, кои единствено се базираат на блокот како би му помогнале на голманите во нивните одбрани, но македонската репрезентација е преискусна да го завршуваат нападот со шут од далечина. На таа нивна одбрана, убеден сум дека точно ќе знаеме како треба да играме, поготово кога во игра на позиција (6) во одбрана е Залевски и Денисов е на позиција (5), кој агресивно ќе игра на Лазаров. Нашите пивотмени се далеку покорпулентни од нив двајца. Тука сметам дека ќе има огромен простор за нашите пивотмени, како и шанса на играње „една на еден“, после додавањето од Лазаров кон нашите средни бекови. Како фактор на изненадување сметам дека Украина би можела да одигра „5+1“ или „5-1“ со левото крило Денисов на преден играч. Тоа е руски систем од времето на Максимов, кој најмногу го користеше со Кокшаров, па потоа и Дибиров на преден. Во поново време, тоа го гледам и кај Белорусија со Јуринок.

И на крај збор-два за нивните голмани, кои најмногу очекуваат од блокот на нивните соиграчи, но најчесто се во ситуација да ја бранат првата „статива“, каде по секоја цена се сконцентрирани на ниските и полувисоки шутеви. На шутевите од шест метри, се константно со една крената нога. Директната контра од нив повеќе оди на нивното лево крило.

Предноста е на наша страна

Искуството е на наша страна, а и огромниот број на натпревари кој нашите ракометари ги имаат одиграно заедно, Македонија ја прави изразит фаворит и од таа улога не треба да бегаме. Напротив, тоа само треба да го прикажеме на терен, но секогаш има едно „НО“. За овој натпревар „НО“ е тоа што е прв натпревар на ова првенство, и концентрацијата не е на највисоко ниво, а најголемите изненадувања се случуваат токму на првите натпревари. Убеден сум дека ова нас нема да ни се случи, имаме најлесен противник кој сигурно ќе биде на едно од последните две места на овој шампионат.

Очекувам сигурна победа, а разликата??? Тоа мене лично не ме интересира. Утре најважни ни се бодовите.