Еурофарм Пелистер 2 со триумфален старт, Тиквеш падна во Битола!

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 на свој терен успеа да ја совлада амбициозната екипа на Тиквеш од Кавадарци во натпревар од првото коло од Суперлигата, со резултат 28:23 (17:11).

Избраниците на Александар Јовиќ со погодоците на Петровиќ и Арсеновски поведоа на почетокот од натпреварот со 2:0. Гостите од Кавадарци првиот гол го постигнаа во 5 минута преку средниот бек Симиќ. По водството на младите „фармацевти“ од 3:1, гостинскиот состав со два гола во низа дојде до израмнување на резултатот, 3:3.

Еурофарм Пелистер 2 со подобрата организираност во нападите успеа повторно да дојде до два гола разлика, 5:3. Кавадарчани имаа проблем како да го пронајдат патот до мрежата на Еурофарм Пелистер 2, кој го имаше расположениот Печурица на голот. Неговите интервенции беа наградени од неговите соиграчи, кои по петнаесетина минути игра дојдоа и до највисокото водство од пет гола разлика, 10:5.

Тренерот на Тиквеш мораше да побара тајм-аут, со цел неговите избраници да заиграат поангажирано и да направат камбек во дуелот со подмладиот противник, но ниту советите од гостинската клупа не вродија со плод. Тиквеш одвреме-навреме погодуваше во мрежата на домаќинот, но тоа не беше доволно бидејќи имаше голема резултатска негатива. Домашниот тим одигра одлични 30 минути и на полувреме замина со убедлива предност од 17:11.

Тиквеш со брзи акции се обидуваше да намали дел од предноста на домаќините, но сите обиди за евентуален камбек завршуваа без успех. Еурофарм Пелистер 2 по седум минути игра во вториот дел дојде до плус седум гола разлика, 20:13, и не оставаше ниту најмал простор за напредок во играта на гостите.

При водство на домаќините од 21:15 во 45 минута, јасно беше дека ракометарите на Тиквеш ќе треба да го дадат максимумот доколку сакаат од Битола да си заминат со поволен резултат. Тиквеш успеа да постигне два брзи гола за намалување на резултатската негатива на 21:17. Составот на Јовиќ во последните десет минути влезе во криза, која што се одрази и на самиот резултат.

Гостите ги искористија речиси сите грешки на домаќините и на осум минути пред крајот намалија на минус еден, 23:22. Во последните пет минути, односно во клучните моменти, екипата на Тиквеш иако имаше шанса да се избори за егал, сепак, домаќинот со расположените Иваноски, Белистојаноски и Кукуловски со победа ја започна новата натпреварувачка сезона.

Најефикасни во победничката екипа беа Мартин Ивановски со осум и Ненад Белистојаноски, како и Филип Арсеновски, кои постигнаа по пет гола. Во поразениот табор се истакна Страхиња Симиќ со седум гола во мрежата на домаќинот.