Еурофарм Пелистер ја прекина доминацијата на Вардар – прв Супер куп пехар во Битола

После деценија и пол екипата на Еурофарм Пелистер се радуваше на трофеј во домашно натпреварување откако денеска дојде до победа од 31:22 против Вардар во натпреварот од Супер купот на Македонија во натпревар во кој во второто полувреме тимот од Битола имаше доминација и постојана висока предност.

Oд почетокот на натпреварот можеше да се види дека на оваа средба нијанси ќе решаваат кој ќе дојде до победата на овој дуел. И двата тренери не можеа да сметаат на сите интернационалци во тимот, па оттаму беше јасно дека може да се очекува интересен тек.

Вардар тргна подобро и имаше предност од еден или два гола. Битолчани долго ја бараа играта со која ќе можат да парираат и успеваа да останат во мала негатива така што беше јасно дека овде ќе решава еден до два гола.

Предноста на Вардар стигна најмногу до плус три при 9:6, а потоа беше загубен ритамот за да се дојде до 10:10. Оттука средбата како да почна одново и повторно имаше надигрување за секоја тока и се одеше најдобро што може. Факт беше дека ова не е најдоброто што двата тима ќе можат да го направат годинава така што сосема извесно е дека денеска се чуваа многу адути.

Во една таква игра на полувреме се замина со нерешени 14:14 и вториот дел требаше да биде она главното што мораа двете екипи да го покажат на теренот.

Второто полувреме тргна многу подобро за тимот на Еурофарм Пелистер. Вардарци колку тргнаа добро во првиот дел од средбата толку беа лоши во продолжението од натпреварот. Тимот од Битола тргна одлично и почна да ја зголемува предноста со секој напад. Тоа беше голем удар за противникот, а колку беше лошо покажува фактот што за девет минути игра во второто полувреме, Вујовиќ ги потроши сите тајм-аути, а неговиот тим беше во негатива од пет гола.

Еден од играчите кои имаа најмногу заслуга за правењето на предноста од шест гола во 45. минута беше голманот Секељ кој успеа да собере многу одбрани за кратко време и на 15 минути до крајот Еурофарм Пелистер водеше со 24:18.

До крајот вардарци на момент се обидоа со 7 на 6, но и тоа не даде резултат, а во финишот останаа и без капитенот Стоилов кој доби црвен картон после еден дуел со Обрадовиќ. На крајот сето ова резултираше со превисок пораз на Вардар од 22:31 така што ова беше најава за една сезона во која ќе има сигурно големи дуели меѓу двата кандидати за трофеите.

ВАРДАР – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР           22:31 (14:14)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Славе Николов и Ѓорѓи Начевски од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.

ВАРДАР: Томовски, Гогов, Ристовски, Јагуриновски, Стоилов 1, Валчак 1, Моралес 2, Георгиевски 2, Карапалевски, Гаџа 1, Талески 5, Дибиров 7, Ѓукиќ, Атанасовски 2, Ќосевски, Мишевски 1

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 12 мин.

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Кизиќ, Секељ 1, Ивановски, Мараш 2, Ојлески 1, Маркоски 1, Маџовски 2, Кукуловски 1, Мандалиниќ 6, Кушан 4, Радовиќ 1, Периќ 5, Костески, Кукоски, Божиќ Павлетиќ 4, Обрадовиќ 3

Седмерци: 5/7, Исклучувања: 6 мин.