Еурофарм Пелистер одново со добро прво полувреме, има плус шест на одмор (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа сигурно во првите 30 минути против Тримо Требње и на одмор имаат водство од 20:14. Поквалитетната игра во текот на целото полувреме беше крунисана со убава предност, но истата ќе треба и да се одбрани во вториот дел од средбата.

Од почетокот на средбата се влезе во интересен тек во кој гостите имаа што да покажат. Тримо успеа да поведе и да има водство од гол разлика до 7. минута. Тогаш Еурофарм Пелистер израмни, а потоа брзо дојде и до водство од 5:4. Сепак, гостите брзо го свртеа одново резултатот во своја полза.

На 5:6 следуваше добра одбрана, помош и од голманите, па ново водство на битолчани кои имаа 7:6 после 11 минути од играта. Првото водство од два гола разлика стигна во 18. минута кога на семафорот стоеше 11:9. Мандалиниќ, Велковски и Кушан беа тројцата најразиграни на теренот. Тие го водеа тимот на Еурофарм Пелистер во сигурна предност.

Во 23. минута со голот на Мандалиниќ првпат беше обезбедено и водство од три гола, 14:11. Одеше сè одлично, па во 26. минута водството дојде и до плус пет, 16:11 и тука веќе беше јасно дека Еурофарм Пелистер ќе има предност на одмор против Тримо Требње.

Еурофарм Пелистер – Тримо Требње

Еурофарм Пелистер дојде до првата победа во сезоната во Лигата на Европа откако успеа да го совлада составот на Тримо Требње со 33:26. Во најголемиот дел од натпреварот тимот на Еурофарм Пелистер беше во предност и тоа го оправда и до крајот на средбата. Водството во најголемиот дел беше поголемо од пет гола така што победата беше сигурна и не беше доведена во прашање. Со оваа победа работите се поместуваат во позитивен правец и сега од тимот на Еурофарм Пелистер ќе може да се чекаат уште подобри игри.

Стипе Мандалиниќ со седум погодоци од седум удари е прв стрелец во редовите на Еурофарм Пелистер. Четирипати прецизен беше Кушан, а три гола имаше Маџовски. По два гола забележаа Велковски и Граџан, додека Периќ и Костески имаат по еден погодок. Леон Раош со четири и Гал Цирар со три беа најефикасните во составот на Тримо Требње.