СТРУГА 2020: Еурофарм Пелистер е на чекор до финалето откако го доби дербито со Металург

Ракометарите на Еурофарм Пелистер дојдоа до победа во дерби дуелот на стартот на Струшкиот турнир откако денеска против Металург се избори за триумф од 24:22 после 60 минути надигрување и неизвесност во добар дел од средбата. Металурзите не ги искористија своите шанси за да направат нешто повеќе така што на крајот Еурофарм Пелистер дојде до победа што веројатно ќе значи и место во финалето.

Од стартот на средбата се виде игра во која многу повеќе можеше да се види од нападите на двата состави. И едниот и другиот тим тешко се снаоѓаат во одбраната што оставаше простор за игра на противникот и за акции после кои се доаѓаше до погодоци.

Како што се одвиваат работите од почеток Еурофарм Пелистер имаше редовно чекор плус во однос на противникот. Металург не можеше да се снајде, и остана на негатива од три до пе гола. Најголемата предност беше при 9:4, но тука дојде до намалување на негативата и Металург успеа да намали на 11:9.

Во завршниот период од првото полувреме одново дојде до надигрување, но немаше простор за нешто повеќе, па на одмор се замина со резултат од 15:12 во корист на Еурофарм Пелистер.

Вториот дел од натпреварот донесе нешто подобро отворање на ракометарите на Металург. Тие успеаја да се изборат за враќање во мечот. Резултат дојде до 16:15, па Бабиќ мораше да бара тајм-аут. Веднаш ова резултираше со разлика од три гола и 18:15 што беше знак и за Кастратовиќ да побара минута одмор. Набрзо после ова дојде одново до минус еден гол и резултат 19:18 во корист на битолчани.

Металург имаше своја шанса за да дојде до израмнување, па можеби и за пресврт, но не успеа да го најде начинот како да се избори за голот кој ќе донесе нерешен резултат. Тука имаше редовно лоша организација на нападот или недоволно добар шут за да може да се зададе клучниот удар.

До крајот Еурофарм Пелистер имаше контрола на резултатот и на играта така што не дозволи изненадување. На крајот беше 24:22 така што ова беше доволно за да се обезбедат бодови и веројатно ова ќе биде и повеќе од доволно за да се обезбеди место во финалето.

Најефикасен ракометар во редовите на Еурофарм Пелистер беше Кушан со пет гола, додека четирипати прецизни беше Стјепановиќ. По трипати во голот на Металург погодуваа Мандалиниќ, Маџовски, Костески и Периќ. Во таборот на Металург по четирипати погодуваа Канкараш и Потиќ, додека три гола постигна Хорват.