Еурофарм Пелистер вторпат по ред во Лигата на Европа

Ракометарите на екипата на Еурофарм Пелистер и во сезоната 2021/22 ќе ја претставуваат Македонија во групната фаза од Лигата на Европа што значи дека крајот на август и првите 20 дена од септември ќе ги поминат во подготовки за натпреварите кои ќе следуваат од октомври.

Според рејтингот кој го има Македонија на клупски план еден тим има загарантирано место во групната фаза и во Лигата на Европа. Еурофарм Пелистер како второпласиран ќе може да игра во овој дел од натпреварувањето.

Календарот за натпреварување вели дека натпреварите почнуваат во октомври и ќе се играат во октомври, ноември и декември, а потоа во февруари и март ќе финишираат пред да почнат елиминациите. Завршниот турнир ќе се игра на 28 и 29 мај следната година.

Шеширите уште не се познати, а ждрепката ќе биде одржана на крајот на септември откако ќе бидат комплетирани квалификациите.

Инаку, првото коло од квалификациите е на 28 и 29 август како и 4 и 5 септември. Второто коло се игра на 11 и 12 септември, како и на 18 и 19 септември кога се реваншите. Во квалификациите место има за тимовите на Пролет и Металург.