Елиминирани се и сениорките од квалификациите, познати учесниците на ЕП 2020!

Откако машката сениорска репрезентација беше елиминирана на зелена маса од квалификациите за место на Мундијалот во Египет 2021 година, ист е случајот и со женската репрезентација.

Иако и да се играа квалификациите, избраничките на Симе Симовски немаа шанси за место на Европското првенство во Данска и Норвешка кон крајот на годинава, ЕХФ ги откажа сите преостанати квалификациски дуели.

Македонија досега загуби од Шведска и Чешка, а требаше да игра уште по еднаш со тие ривали, како и два пати со Португалија.

На ЕП во Данска и Норвешка, покрај домаќините, ќе играат и прво и второпласираните репрезентации од седумте квалификациски групи, а тоа се – Холандија, Шпанија, Унгарија, Црна Гора, Германија, Словенија, Русија, Србија, Шведска, Чешка, Хрватска, Франција, Полска и Романија.

Ждрепката за групната фаза на ЕП ќе биде одржана на 18 јуни во седиштетот на ЕХФ во Виена.