Елена Ѓорѓиевска се врати на терен, ќе биде подготвена за мундијалскиот бараж!

Капитенот на македонската репрезентација, Елена Ѓорѓиевска, по незгодната повреда на рамото се врати на ракометните терени.

Таа вчера го одигра својот трет натпревар за Магура Чиснадие во романскиот шампионат по камбекот од повредата и против ЧСМ Букурешт беше стрелец на еден гол во поразот на нејзиниот тим од 35-23.

Десниот бек ќе го пропушти следниот собир за ЕХФ неделата кога ќе се играат две средби со Турција, но ќе биде подготвена за априлскиот двомеч против Ураина кој носи место на Мундијалот во Норвешка, Данска и Шведска.

„Почнав полека да се враќам. Моментално е многу подобро, но се уште не сум на својот максимум. Влегувам во ритам, имам разбирање од тренерот. До април би требало да бидам подготвена да им помогнам на девојките за баражот“, вели Ѓорѓиевска.

Ривал на Македонија ќе биде незгодната Украина.

„Не смееме никако да го потцениме противникот. Имаат добра, интересна селекција, особено Ирина Глибко, средниот бек е во одлична форма во Валчеа. Мора многу паметно да одиграме и колективно да дадеме максимум на терен. Со Господ напред и се надевам дека ќе се израдуваме со пласман на СП“, заврши Ѓорѓиевска.

Во рамките на ЕХФ неделата, Македонија ќе одигра два меча со Турција на 2 и 4 март во Анкара, а дуелите со Украина се закажани за 8 април во Скопје и за 11 април во унгарскиот град Кишварда.