Елверум гази се пред себе – го тресна и Мешков среде Брест!

Екипата на Елверум успеа на гостински терен да го совлада Мешков Брест со 30:27 во рамките од 6. коло во Лигата на шампионите од Групата А. По триумфите над ПИК Сегед и Загреб, норвешкиот првак ја забележа третата победа во серија.

Во поголемиот дел од првото полувреме, Елверум ја контролираше ситуацијата на терен. Ракометарите на Мешков Брест имаа лош старт, губеа со 3:1, но во следниот период предводени од Врањеш, Бонфон и Вајлупов стигнаа до првото водство од 5:4. Гостите од Норвешка по осумте интервенции на нивниот голман Имсгард, полека ја враќаа предноста од воведниот дел. Со два гола во низа, Елверум на полувреме замина со предност од 14:11.

Во второто полувреме продолжи кризата во екипата на Мешков Брест. Составот на Елверум го забележа највисокото водство, 22:16, а тоа беше сигнал дека избраниците на Дани Гордо ќе имаат тешка задача и ќе мораат да се тркаат со времето доколку сакаат позитивен исход. Во Елверум се разигра десниот бек, Мате кој ја одржуваше предноста на својот тим.

Домашната екипа во последните петнаесетина минути со серија од пет гола намали на само еден гол негатива, 24:25. Гостите на серијата на домаќините возратија со четири гола во низа за 28:24, тука беше и крајот на надежта на Мешков Брест за враќање бидејќи до финишот останаа само пет минути.

Најефикасен во редовите на Елверум беше Тобијас Грондал со девет гола. Во Мешков Брест прв стрелец беше босанскиот интернационалец, Владимир Врањеш со седум гола.